„Лавиците“ пресилни за Астибо – штипјанки со голем пораз, Металург Автокоманда го декласираше Вардар!

Шампион Ѓорче Петров забележа нова победа во рамки на 2. коло од плеј-офот на Суперлигата, откако со превисоки и убедливи 48:17 го декласираа Астибо од Штип.

Натпреварот беше решен уште во првото полувреме, па во вториот дел „лавиците“ само рутински одиграа како на тренинг.

Ризоска го водеше шампионот со 12 гола, а пак Дежиќ имаше девет гола, додека пак кај Астибо стандардно Марија Анчева имаше девет гола.

Металург Автокоманда со 33:18 го декласираше Вардар и со тоа ја продолжува доминацијата во плеј-офот. Лесна победа за домашниот тим кој до оваа победа дојде преку Гугуљанова која со десет гола беше најдобра во тимот, а пак за Вардар со четири голови се истакна Неделковска.

Чаир со 31:26 забележа победа над Куманово со што ракометарките на Чаир дојдоа до првата победа во плеј-офот. Гулициоска имаше девет гола за Чаир, а пак Нестороска беше најпрецизна кај Куманово со осум гола.

Со овие натпревари се затвара есенската полусезона во ракометната Суперлига во женска конкуренција, а натпреварите продолжуваат на 8. февруари следната година.

Во однос на табелата Ѓорче Петров е прв со 5 бодови, а толку има и Металург Автокоманда кој е втор, на 3. место е Чаир со три бодови, а по еден бод имаат Куманово и Вардар, додека пак штипски Астибо со два порази е на последното шест место во плеј-офот без бодови.

Александар Ванев, М-Нет