КЈП „Водовод“ Кочани продава осум хаварисани возила за да оствари дополнителен приход

Осум хаварисани возила кои не се во функција повеќе од 10 години, а се во сопственост на КЈП „Водовод“ Кочани се ставени на продажба. Ова како одлука помина на последната седница на советот на Општина Кочани, а средствата ќе бидат искористени за редовно функционирање на претпријатието. Директорот, Перо Георгиевски во телефонски разговор за М-Нет телевизија потенцираше дека се продаваат расходувани возила како товарни возила, багери, приколка кои не се користат и се оставени на забот на времето. Во наредниот период се очекува да биде објавен и јавен повик за да се избере најповолен понудувач кој ќе ги купи овие возила.

„Тие се пред се расходувани возила оддамна. Ова се возила кои се вонупотреба подолго време и врз основа на проценка на проценител е направена овластена проценка на тие возила, поминато е на Управен одбор како и на седница на Совет. На јавен оглас ќе се огласат преку ЗЕЛС системот.“ – вели Георгиевски.

Георгиевски посочи дека КЈП „Водовод“ Кочани располага со добар возен парк во моментот за да се задоволат потребите на граѓаните, а возилата кои се продаваат се нефункционални повеќе од една деценија.

„Да не дојде до забуна дека ние продаваме возила тековно со кои работеме или возила кои се на сервис. Станива збор за некое југо, дачиа, булдужер кои се вонфункција десет години.“ додава Георгиевски.

Инаку, одлуката за продажба на возилата на КЈП „Водовод“ помина едногласно, односно зелено светло дадоа сите присутни советници на последната седница на Советот.

Лаура Стојанова М-Нет