КУП: Пеналите кобни за Брера, Воска ја исфрли Брегалница, “лавовите” во полуфинале

Денес беа одиграни натпреварите од четвртфиналето од фудбалскиот Куп на Македонија со што се познати и полуфиналистите.

На Градскиот стадион во Штип се соочија Брегалница и Воска Спорт во меч каде охриѓани со голот на Ален Јашароски обезбедија историско полуфинале (0:1).

Во Кавадарци свое соочување во четвртфиналето имаа Тиквеш и Брера Струмица во меч каде пенал-рулетот беше кобен за струмичани.

Брера со голот на Цветановски на полувреме имаше 0:1, а во вториот дел Куреж погоди за 1:1. Во пенал серијата Тиквеш со 6:5 ја исфрли Брера и патува во полуфиналниот двомеч.

Бранителот на Куп-трофејот екипата на Македонија Ѓорче Петров на домашен терен играше со кратовски Силекс и со минимални 1:0 обезбеди пласман во полуфиналето со голот на Алтин Алији.

Колку за потсетување полуфиналето се игра по двострук Куп систем односно по два натпревари (дома-гости).

Во Маџари на „Борис Трајковски“ не се одигра скопската пресметка од четвртфиналето од Купот каде требаше да играа Работнички и Шкупи откако Скопје го зафати силно невреме проследено со пороен дожд кој го поплави теренот во Маџари.

Екипите пристигнаа на местото, но немаше услови за игра. Делегатите заедно со екипите одлучија натпреварот да биде одложен.

Фудбалската федерација на Македонија го закажа овој меч за утре.