
Шестата рунда од Трета лига – Север донесе многу погодоци и изненадувања.
Фортуна со убедливи 10:1 го декласираше новајлијата Бутел на домашен терен во меч каде Шаип постигна четири гола, Авдулаи стигна до хет-трик, а еден гол беше дело на Вељии. Домашниот тим постигна уште два гола, па натпреварот беше прекинат, бидејќи гостинот играше со седум играчи.
Куманово се “лизна” и одигра 1:1 на домашен терен со БВК Коњаре. Стојковски во 47. минута постигна гол за 1:0, а по девет минути Ристовски погоди за конечни 1:1.
Риниа и Еуромилк ги поделија бодовите откако одиграа 2:2. За домашниот тим стрелци беа Таири и Абдула, а за гостите погодија Митров и Сулемани.
“Фенерџијата” ССК Нова ја продлабочува резултатската криза откако дома со 0:3 претрпе нов пораз од Шкендија Арачиново. Алији, Сула и Беќири беа стрелци за гостите од Арачиново.
Беса Влазрими со 2:1 забележа триумф над составот на Аеродром со головите на Ајдини и Бајрами. За гостинот погоди Ристовски.
Кадино на домашен терен ремизираше без погодоци (0:0) против Петровец.
Башкими Љуботен дома загуби со 1:3 од ланскиот второлигаш Пехчево.
Исени беше единствен стрелец за домашниот тим, а за гостите стрелаа Јакуповски, Голубов и Мехмети.