Ова не е правна држава. Ова е контролиран систем во кој Христијан Мицкоски одлучува кој е над законот, а кој ќе биде прогонуван, обвини Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ, на денешната прес конференција.
Кузеска потенцираше дека по ослободителната пресуда за Никола Груевски и враќањето на криминално стекнатиот имот на ВМРО и „Бела палата“, ослободувањето на Драган Павловиќ Латас е уште една потврда дека правосудниот систем е ставен под политичка контрола на Мицкоси и ВМРО.
„По ослободителната пресуда за Никола Груевски, враќањето на криминалниот имот на ВМРО и ’Бела палата‘, сега е ослободен и Драган Павловиќ Латас. Обвинителството се откажа од обвинението против него. Судот побарал ново супервештачење, по што износот на наводното даночно затајување бил намален.“, истакна Кузеска.
Ваквите одлуки не се изолирани случаи, потенцираше Кузеска, туку дел од воспоставен модел на селективна правда на ВМРО и Мицскоски.
„Ова е уште еден јасен доказ дека Христијан Мицкоски директно управува со Обвинителството и со правосудството. Нема правда. Има контролирано судство, алатка во рацете на Мицкоски. Кога станува збор за луѓе блиски до ВМРО или до самиот Мицкоски, обвиненијата исчезнуваат, постапките се распаѓаат, а пресудите се претвораат во амнестии. Кога, пак, станува збор за политички неистомисленици, критичари или противници на власта, тогаш Обвинителството е експресно и ревносно во спроведувањето политички прогон“, рече Кузеска.
Текстот Кузеска: Ова не е правна држава, туку контролиран систем во кој Мицкоски одлучува кој е над законот е превземен од МАКФАКС.