Крави оставени без вода на плус 40, жителите од село Соколраци реагираат на нехумано чување на животните

Крави кои се чуваат во нехумани услови на екстремно високи температури, жителите од село Соколарци се жалат на проблем кој трае со години. Велат дека нивен соселанец чува крави, но не се грижи соодветно за нив. На плус 40 се оставени без вода за пиење, сами се снаоѓаат за јадење. Кулминација проблемот достига кога крава умира во дворот и таму останува, па се шири неподнослива миризба и опасност од болести.

„Овој проблем трае со години. Уште татко му кога беше жив, чуваа овци, 200 овци сите умреа во овој двор. Сега тој чува крави, ако имал 50 крави 30 сигурно тука умреле. Кравите се чуваат во нехумани услови, 48 часа на оваа температура да не им ставеш вода на кравите.“ – велат соседите.

Жителите додаваат дека заради ова во селото трпат сите останати. Стравуваат за својата безбедност и своето здравје, а дополнително кравите обидувајќи се сами да најдат храна проават штети наоколу. Велат дека реагирале многупати за ваквата ситуација, инспектори излегувале на терен, но проблемот и понатаму „тлее“ и останува нерешен.

„Овоа е голем проблем,се шири зараза, луѓето не можат да дишат, никој ништо не преземат. Кравите умират, зараза се шири, ние си патиме. Сите имаат штети од кравите, оти тие мора да јадат нешто.“ – додаваат жителите.

Жителите бараат надлежните институции да излезат на терен и да преземат соодветни мерки со цел овој проблем да се реши и конечно да се стави крај на нехуманото третирање на животните.

Лаура Стојанова М-Нет