
Групата Б на Првата кошаркарска лига носи неверојатна неизвесност и возбуда – три екипи израмнети на врвот со по 14 бодови. Во рамки на 9. коло тимот на Соколи ја забележа најубедливата победа откако славеше над „фенерџијата“ Спортисимо на гостински терен со 73:110, триумф кој беше очекуван.
Спортисимо и натаму останува единствениот тим кој нема позитивен резултат односно има осум порази од толку одиграни мечеви. Балабанов со 27 поени беше прв поентер за штипјани, Костадинов постигна 20 поени, а пак прво име кај Спортисимо беше капитенот Митков со 12 поени.
Овче Поле на домашен паркет загуби од Бутел со 69:76 со што скопскиот тим запиша уште една победа и продолжува да ги следи водечките екипи, додека пак во Велес беше одиграно дербито на колото кое му припадна на Борец Баскет со 79:73 со Струмица ФМП.
Сапроновски и Несторовски постигнаа по 16 поени за Борец Баскет, а пак кај Струмичани се истакна Пандев со 20 поени, а пак Александровски имаше 18.
Во рамки на оваа рунда слободна беше екипата на Струмица Ролинг.
Што се однесува до табелата на делба на врвот се Струмица ФМП, Соколи и Борец Баскет со по 14 бодови, Бутел е четврти со 12 бодови, Овче Поле е петти со 11 бодови, Струмица Ролинг е шести со осум бодови, а на дното е Спортисимо со осум бодови и единствен тим кој нема триумф.
Во однос на натпреварите од групата А „фенерџијата“ Младинец загуби од Охрид со 56:76, Мега Баскет со убедливи 101:67 го декласираше Тетекс, а пак Вардар се намачи и со минимални 90:93 го доби Воднос Санс, а Црн Дрим беше слободен.
Вардар останува и натаму непоразен тим со максимални 16 бодови, Мега Баскет е втор со 15, Охрид е трет со 13, а тимот на Водно Санс е четврти со 12 бодови.
На петтото место е Црн Дрим со девет бодови, а толку има и Тетекс, а на дното е Младинец со седум бодови и без триумф.
Александар Ванев, М-Нет