Кошаркарите на Соколи од Штип со триумф на стартот од новата сезона, Караколев реализираше 27 поени, Охрид загуби од Маџари!

Изминатиот викенд започна новата сезона од Втората кошаркарска лига, а на стартот од сезоната во рамки на првото воведно коло штипски Соколи запиша победа и тоа важна победа на тешкото гостување против Бутел со резултат од 72:80.

Штипските кошаркари имаа одлична прва четврта во која всушност и ја обезбедија клучната предност за триумф на стартот од новата сезона, откако поведоа со 12:22, разлика која ја задржаа и во останатите три четвртини од натпреварот кој се играше во Скопје.

До овој триумф Соколи ги предводеше повратникот во штипската кошарка, Никола Караколев кој реализираше 27 поени, а пак Костадинов имаше 20 поени. Кај домашниот тим кој претрпе пораз најдобар беше Андоновски со 13 поени.

Ланскиот прволигаш Охрид на домашен терен претрпе пораз од Маџари со резултат од 74:81, додека пак висока победа во Прилеп извојува екипата на Мега Баскет со 86:63 над ланскиот прволигаш Академија ФМП.

Работнички 2018 дома претрпе пораз од МЗТ Скопје со 61:72, додека пак Борец Баскет дома загуби со тесни 86:90 од Ангели. Одличен натпревар за екипата од Драчево на гостувањето во Велес, каде Балов и Стојанов имаа по 22 поени за гостинот, а пак кај велешани Штерјов имаше 37 поени.

Најмногу поени во првото коло реализираше Црн Дрим откако на домашен терен во Струга со 107:99 славеше над Водно Санс, во меч каде двете екипи постигнаа над 200 поени.

Камиловски имаше 27 поени, Здравковиќ 22, а пак кај гостинот Митев имаше 21 поен, а Трипуновски 14.

Александар Ванев, М-Нет