
Кошаркарите на Винеам од Виница ја продолжуваат својата импресивна форма со трета победа во низа откако со убедливи 55:98 славеше на гостувањето кај Дибра Еаглс во Дебар, во рамки на 3. коло на Аматерската кошаркарска лига, која е трета лига по ранг на натпреварување.
Тимот од Виница игра допадлива кошарка и се наметнува како главен фаворит за првото место, а со тоа и секако ќе растат амбициите на тимот кој сигурно е дека ќе сака влез во Првата кошаркарска лига на Македонија.
ИБА Скопје во Битола ја декласираше Хераклеа со 57:75, а пак Конзули дома ја доби Шар Планина со 68:59. Неизвесно беше во спортската сала „Шабан Трстена“ во Скопје каде Чаир загуби тесно со 68:72 од Гевгелија.
Максимален ефект по три кола имаат Винеам од Виница и екипата на Гевгелија, по пет бодови за делба на третото место имаат ИБА Скопје и Шар Планина, а пак по четири бодови имаат Конзули и Дибра Еаглс за делба на петто место. По три бодови и без триумф се екипите на Чаир и битолска Хераклеа.
Следниот викенд ќе се играат натпревари од 4. коло, а во рамки на истото Винеам како фаворит во Виница ќе ја пречека екипата на Конзули од Битола, Гевгелија исто така со улога на фаворит дома ќе игра со Дибра Еаглс, ИБА Скопје на соочување против Шар Планина, а дерби од дното на табелата ќе играат Хераклеа и Чаир за прв триумф.
Александар Ванев, М-Нет