Кочанската фабрика „Пејпер мил“ втор ден не работи, инспекторите на увид

Кочанската фабрика за рециклирање на хартија „Пејпар мил“ втор ден не работи. Ова го констатирале и инспекторите за животна средина кои беа на увид, откако пред две недели издадоа забрана во производството да се користи котелот на пелети и да се префрли на метан.

„Правното лице при контролниот инспекциски надзор НЕ РАБОТЕШЕ, котелот кој користи пелети како енергенс е сопрен со функционирање на работење на 26.06.2022 во 00:00 часот, а по поднесеното Известување од 23.06.2022 год. до ДИЖС/МЖСПП очекува одговор за негово натамошното постапување од Управата за животна средина како стручен орган согласно Законот за животната средина.“ – се вели во соопштенишето на ДИЖС.

Активистите сѐ уште цврсти на ставот дека фабриката мора да ги почитува стандардите и да не го загадува воздухот. Поднесоа и барање за проширување на кривичната пријава, за која веќе две години нема одговор од кочанското обвинителство.

„Решавање на прашањето не значи затворање на фабриката, ние апелираме до менаџментот да најде начин и да ги почитува правилата на работење за да функционираат без да го загрозуваат здравјето на граѓаните како на оваа населба, така и на цело Кочани. Ако продолжиме во овој правец, ќе бидат задоволни и граѓаните и вработени во фабриката. За тоа беше и нашето првично залагање“, вели Зоран Тодоров.

„Ќе ја следиме ситуацијата и понатаму за да знаеме дека менаџментот работат во границите на дозволено.Со потписите ќе продолжиме сѐ до оној момент додека не видиме дека резултатот е позитивен“, вели Милан Димовски.

Активистите ја продолжуваат битката против сите загадувачи на Кочани и плодното кочанско поле.

„Апсолутно дека ќе продолжиме доколку оваа т.н. победа се претвори во нешто друго, да почнат да работат по старо. Нема да застанеме овде, повторно ќе се активираме и организираме. Ова е еден апел.

Од раководството на фабриката во писмено соопштение информираа дека работат согласно со дозволата, а не им е прифатливо барањето да користат метан, бидејќи ни Владата не го почитувала меморандумот за соработка дека годинава ќе има гас во Кочани. Активистите продолжуваат со барањето за ревизија на А интегрираната дозвола за „Пејпер мил“.

Ребека Спасова М-Нет