Кочани – Се гради пешачко-велосипедска патека покрај езерото Гратче

Во рамките на проектот „Планински велосипедски рај“, паралелно со реконструкцијата на објектот наменет за планинарски дом на Пониква, се гради пешачко-велосипедската патека што ги поврзува новиот мотел и круната на брана Гратче.

Деновиве се завршува машинскиот ископ на патеката, а активностите ќе продолжат со порамнување на теренот и тампонирање, истакнуваат надлежните од Општина Кочани Патеката просечно е широка 1,5 м, долга 520 м и ќе биде поплочена со бехатон.

Дел од овој проект е и реконструирање на веќе постоечката патека  од месноста Бавчалук до локацијата Тополник. Тоа ќе значи подобрување на познатата релација која љубителите на пешачењето и на велосипедизмот вообичаено ја минуваат по асфалтниот пат од Кочани до Гратче.

Патеките ќе бидат означени со патокази, со уредени места за одмор, видиковци, клупи, канти за отпад и друга урбана опрема.

Проектот „Планински велосипедски рај“ вклучува изградба, реконструкција и надградба  на постојните земјени велосипедски патеки и на Осоговските Планини: двете се на релација од Грaтче до Пониква и обратно, со должина од по 15 км, а третата планинска велосипедска патека  е 2 км и води од круната на браната Гратче до Водопадите.

Уредувањето на пешачко-велосипедските патеки и патеките за планински велосипедизам и планинско пешачење во вкупна должина од 35 км, се очекува да ја зголеми атрактивноста на кочанскиот дел од Осоговијата и да ги промовира нејзините природни и културни локации.