Кочани е есенски шампион во Втората женска фудбалска лига, Вардар е втор, Борец на дното со еден бод!

ФОТО: Александар Ванев, Телевизија М Нет | АРХИВА

Со седум одиграни кола заврши есенската полусезона во Втората женска фудбалска лига, а натпреварите продолжуваат во месец март следната 2025 година. Пред осумте второлигаши е долга пауза од околу пет месеци.

Кочани е есенски шампион со максимални седум победи од седум натпревари и максимални 21 бод на своето конто. Кочани го имаше и најефикасниот напад со постигнати 61 погодок на овие седум натпревари или во просек скоро девет погодоци по меч, а пак прими само четири погодоци со што Кочани ја имаше и најдобрата одбрана.

На второто место заврши ланскиот вицешампион Вардар со скор од пет победи, едно реми и еден пораз со 16 бодови на своето конто. Вардарки го имаат вториот најефикасен напад со постигнати 46 погодоци, и втора најдобра одбрана со примени шест погодоци.

На третото место е Билјанини Извори од Охрид со 15 бодови на своето конто, на четвртото место е Плачковица од Радовиш која собра 13 бодови од можни 21 во овој есенски дел.

На петтто место есенската полусезона ја заврши Порече од Македонски Брод со седум бодови, Победа Валандово е шестта со пет бодови, дебитантот Слободен како второлигаш успеа да освои само два бодови со што има две ремија и пет порази, а на дното со катастрофална статистика е Борец со само еден бод, со постигнати само четири погодоци и примени 50 погодоци.

Шампионот директно патува во Прва лига, а второпласираниот тим игра бараж за влез во Прва лига со претпоследниот од Првата лига. Лани Вардар играше бараж, но не го помина откако Топ Гол беше убедлив и остана во Првата женска фудбалска лига.

Александар Ванев, М-Нет