
Кочанчани со години се гордееа со епитетот „најчист град“ што градот го носеше пред многу години. Но, денеска не се ни блиску до оваа титула. Постојаните проблеми кои се јавуваат со градската депонија се причина број еден велат кочанчани за да дишат загаден воздух. Има и многу други фактори кои влијаат на ова, но прстот е вперен директно во палењето и чадењето на депонијата. Не чини воздухот велат граѓаните, а тоа се чувствува не само во близина на депонијата туку и во центарот на градот.
„Многу загаден воздух. Загадено, чур, мириса. На времето беше најчист град, сега е најнечист.“ – велат граѓаните.
А следствено на ова се јавуваат и проблемите по здравјето. Граѓани сведочат за последиците кои се ги чувствуваат на сопственото здравје. Дишат отров како што велат и затоа имаат здравствени проблеми.
„Има последици и кај децата, и кај постари луѓе, хронични болни. Се чувствува на дишењето, на грлото најмногу се чувствува.“ – додаваат граѓаните.
Статистиките на Центарот за јавно здравје Кочани покажуваат дека во 2020 година имало заразени 8.281 пациент од 20 до 70 години, во 2023 година оваа бројка била 12.434. Од почетокот на 2024 година, заклучно со 30 јуни, регистрирани се 6.357 пациенти со респираторни болести. Бројката расте и кај децата од 0 до 6 години, па ако во 2020 година имало 2.948 болни деца со респираторни болести, во 2023 година имало 6.211 болно дете.
Лаура Стојанова М-Нет