
Пожарот кој пред недела дена избувна во центарот на Штип остави без кров над глава неколку семејства. Оставени на милост и немилост на времето тие спијат на отворено или се снаоѓаат самостојно колку што можат да дојдат до корка леб и парче облека. Помош бараат секојдневно, но одговорите на надлежните за нив не се задоволителни. Овој станбен објект кој изгоре е под покровителство на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен објект, а општината нема никаква ингеренција за сместување на овие семејства. Се бара и соодветна документација на лицата за да може да им се понуди помош. Нивните тврдења се дека имаат документи но истите или изгореле во пожарот или се наоѓаат во претпријатието за стопанисување. Надлежните пак со сосем спротивно објаснување.
„ Факт е дека живеат неколку семејства не колку што тврдат тие, туку според нашата евиденција има пет семејни домаќинства од кои само две имаат уредна документација. Останатите семејства кои се згрижени таму се на своја рака, или се диво населени или по некој основ оддамна го изгубиле правото на користење на тие простории“ – истакана Димков.
Од социјален аспект останува одлука на институциите како ќе ја прифатат ситуацијата и дали и на кој начин ќе им помогнат на овие семејства.
Локалната самоуправа на Општина Штип, црвениот крст, како и центарот за социјална работа не се надлежни за решавање на станбеното прашање на овие лица. Единствено надлежни се владината комисија за станбени прашања при Владата на Република Северна Македонија, која има прво на доделување, користење и отуѓување на станбени објекти.
Лаура Стојанова М-Нет