Колона возила, нервозни возачи – непрописното паркирање ја блокираше ул. „Васил Главинов“ во Штип

Паркирани автомобили на коловозот ја онеспособија за минување улицата Васил Главинов во Штип. Метеж во сообраќајот, лента од возила, нервозни возачи, градски превоз заглавен во градската гужва беше сликата пред општинска зграда денеска претпладне. Реакции од сите страни за навики кои тешко да се надминат. Позади објективот на камерата се постави прашањето што ако во тој момент од овде требаше да помине возило на брзата помош.

И не само денеска и не само овде, проблемот со паркирани возила на места кои не се за таа намена се појавува секојден речиси во секој дел од градот. Не помагаат ни апелите од надлежните, ниту казните.

Директорот на ЈП Стипион, Панче Стефановски вели ситуацијата се повторува, тие се на терен постојано ама треба да проработи и свеста кај возачите.

„Свесен сум за настаната ситуација утринава кога и градскиот превоз беше заглавен во градскиот метеж. Гужвата настана заради непрописно паркирани возила. Екипи на ЈП Стипион постојано се на терен и се реагира, но потенцирам дека мора да се подигне свеста и кај возачите да не ги оставаат возилата на места кои не се обележани како паркинг простор. Ова важи и за автобуските постојки“ – истакна Стефановски за М-Нет телевизија.

Во обидот да се стави ред во паркирањето во градот се вклучени и од СВР Штип. Од таму потврдуваат дека од утринава имало повеќе реакции и дека екипи се на терен со цел да се реши овој проблем.

Лаура Стојанова М-Нет