
Овој викенд се играат натпреварите од 15. коло од Првата кошаркарска лига на Македонија.
Колото беше отворено со вчерашното соочување на ТФТ Скопје и Феникс, а денес и утре ќе се комплетира рундата.
Вардар е „закован“ на дното и е единствениот тим кој нема триумф, односно има 14 порази од исто толку натпревари, а на домаешн терен ќе игра против Шкупи, каде ќе има одново тешка задача за да дојде до позитивен исход.
Неизвесен и израмнет дуел се очекува на мечот меѓу Чаир и Работнички, каде и двете екипи по притисок ќе бараат победа. Чаир имаше серија порази, па дојде конечно триумфот против Феникс но во претходното коло одново загуби. Работнички пак е во форма со две победи и три порази на последните пет меча.
Утре Тиквеш на домашен терен ќе го пречека Кожув, тимот од Гевгелија беше во одлична победничка серија се до поразот во претходното коло од ТФТ Скопје, но сега сака во Кавадарци враќање на победите против Тиквеш кој фати две победи во низа, но во долнинот дел од табелата.
Лидерот МЗТ Скопје ќе гостува кај МКК Куманово во меч каде шампионот е фаворит за нов триумф, но Куманово на домашен терен знае да биде незгоден противник, а тоа на своја кожа го осети и Пелистер.
Токму Пелистер на домашен терен ќе бара победа после два порази во низа против екипата на Гостивар.
Александар Ванев, М-Нет