
Застој во постапките за трансформација на земјоделско земјиште во градежно нема, вели премиерот Ковачевски. Доколку постои, тоа е само во случај на трансформација на земјишта од прва и втора класа, што според Ковачевски, и не треба да се прави. Тој истакна дека промена за олеснување на постапката има и кај поставувањето поголеми централи, но истите се однесуваат само на земјишта од пониски класи.
„Во однос на поголемите централи, исто така е направена промена во регулативата и тука се забрзани постапките. Меѓутоа, сакам да истакнам нешто многу важно. Ние не може да дозволиме земјиште од прва и втора класа да биде користено за фотоволтаици, регулативата ќе се однесува на земјиште од четврта, петта и шеста класа, коишто треба да се користат за производство на електрична енергија. Земјиштата од прва и втора класа треба да се користат за производство на земјоделски производи, бидејќи храната е исто толку значајна, колку што е значајна и енергијата. Ако некаде има застој, тогаш, веројатно, се работи за трансформација на земјиште од прва и втора класа, што сметам дека не треба да се прави“, истакна Ковачевски.
Ковачевски потсети дека веќе е направена промена во регулативата за поставување фотоволтаици кај домаќинствата. Променет е правилникот, поради тоа што порано беше невозможно домаќинствата да произведуваат струја, но и регулативата за инсталирање на самите фотоволтаици, кое сега наместо со постапка од 30 дена, се прави само за еден ден со известување до Општината.
Ребека Спасова М-Нет