Ковачевски и Деспотовски на посета во ТИРЗ Штип, согласни – инвестициите ќе растат

Бројот на инвеститори во ТИРЗ зоните расте, а бројот на вработени е зголемен повеќе од двојно. Според извештаите на Владата, пораст бележат и платите, но и уплатите во буџетот од компаниите. Трендот на зголемување на инвестициите предвидено е да расте, а за таа цел ќе се работи и на најголемата инвестиција во вредност од 430 милиони денари, што ќе овозможи нови парцели и нови капацитети.

„Во периодот од 2010 до 2016 година просечната плата во ТИРЗ изнесуваше 21.700 денари, додека во периодот 2017 – 2020 година просечните плати пораснаа и сега се на ниво од 28.600 денари. Дополнително, просечниот број на вработени е зголемен за повеќе од двојно. Во 2016 регистрирани се 6.200 вработени, додека денес над 12.000. Буџетот на државата во досегашниот период има 11 милијарди денари приходи по различни основи од компаниите во ТИРЗ“, рече Ковачевски.

Во моментов се почнува со градежните работи на новата капитална инвестиција во вредност од 7 милиони евра. Како што рече директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, во склоп на истата веќе се води дијалог со компании кои би инвестирале.

„За брзо време, во текот на годината, овој простор ќе биде дополнително оспособен. Веќе сме во фаза на преговори и ќе ја објавиме новата инвестиција којашто ќе дојде во ТИРЗ Штип во делот на фармацијата, а разговараме и со една голема странска компанија којашто ќе вложи тука“, додаде Деспотовски.

Во тој поглед, сопственикот на фабриката „Кондево“, Рафеле Џенони, истакна дека ќе ја дуплираат својата инвестиција и дека се сигурни оти ова е вистинското место на кое треба да работат.

Целта на ваквите посети, согласни беа и Ковачевски и Деспотовски е ТИРЗ да се развиваат, да се доведат што поголем број инвестиции во земјава, а бројот на работни места уште повеќе да расте.

Ребека Спасова М-Нет