Се малтретирало ли животното во пехчевско? Сточарот повикан на распит

Видео снимка од пехчевско се прошири на социјалните мрежи. Здружението Анима Мунди обвини дека група луѓе, меѓу кои инспектор од Берово се изживуваат врз животно. Тие побараа итно покренување постапка од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство против беровскиот инспектор и трајно отстранување од вршењето на службена должност во институцијата.

По ова, Агенцијата за храна и ветеринарство преку соопштение ја осуди и се огради од постапката на инспекторот од подрачната единица на АХВ во Берово. Од таму посочија, дека тие како одговорна институција и за благосостојбата на животните, во најбрз рок ќе го разгледаат случајот, а инспекторот ќе го повикаат на разговор и истиот соодветно ќе биде процесуиран.

Постапката ја осуди и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој најави итно преземање на сите дисциплински мерки. Според него, предизвикување стрес, малтретирање и непотребно страдање на невини животни е за секаква осуда.

Сточарот Александар Мачевски, пак, кој ја организирал прославата, вели дека животното не било малтретирано и тој бил голем љубител на животни. Снимката лично ја објавил на својот „фејсбук“ профил, а била направена во неговиот дом. Тоа било традиција која секоја година се прави во домот на сточарите кога ги продаваат јагнињата. Адетот траел само две минути, по што јагнето било вратено кај неговата мајка.

„Потоа направивме прослава, лично беше повикан и инспекторот. Го доведовме јагнето кое беше врзано, се пееше песната „Изгубено јагне“ и тоа траеше само две минути. Го вративме јагнето кај мајка му. „Анима Мунди“ многу го сруши нашиот углед. Животното не беше малтретирано, ние цел живот живееме од сточарство“, вечи Мачевски.

Мачевски е повикан на распит во полициска станица, по што тој најави штрајк и рече дека ќе преземе сѐ што е потребно за да докаже дека не е виновен. Според него, на штрајкот ќе се придружат сточари од Робево и од другите села кои му искажале поддршка.

Ребека Спасова М-Нет