
ГРК Охрид продолжува амбициозно да го гради тимот за идната сезона, а најновото засилување е македонскиот повремен репрезентативец Мартин Карапалевски. Средниот бек стави потпис на договор со важност најмалку до 2028 година и ќе го носи дресот со број 11.
Карапалевски, кој има 26 години и настапува на позицијата плејмејкер, доаѓа по две успешни сезони во шпанското првенство, каде што ги бранеше боите на Ваљадолид. Претходно беше дел и од редовите на РК Вардар 1961, каде стекна значајно искуство на домашната и европската сцена.
Со својата визија, организација на играта и интернационално искуство, Карапалевски се очекува да донесе дополнителен квалитет во ростерот на охридскиот тим, кој јасно ги покажува своите високи амбиции.
„Се радувам што ќе бидам дел од ГРК Охрид, клуб кој расте од година во година. Уште од првите разговори ми се допадна идејата и проектот по кој клубот сака да се движи. Со нетрпение чекам да настапам пред охридската публика и верувам дека заедно ќе ги исполниме целите“, изјави Карапалевски.