Каменица Саса со две нови засилувања, Христов и Даци се вратија во Скопје, Беласица со четири промоции!

Второлигашите продолжуваат со интензивни промоции на нови засилувања, а синоќа дури четири екипи промовираа нови играчи.

Беласица доцна вечерта објави три нови имиња со кои се засилува за пролетниот дел, а се работи за Виктор Делов, Благој Стојанов, Гордан Дамчевски и Давид Ристовски.

Делов е играч со средината на теренот, кој треба да биде вистинско освежување во ростерот на струмичани, а доаѓа од редовите на Брера. Дамчевски игра како централен стопер и со него треба да биде да се добие на квалитет во одбраната.

Стојанов пак е искусен играч кој се враќа во Беласица бидејќи и во минатото беше дел од овој тим, тој е играч од средината на теренот, а доаѓа од Кожуф. Ристовски пак е играч од средина кој исто така доаѓа од редовите на Брера.

Нови имиња во тимот на Скопје се Бесмир Даци и Симеон Христов, кои се враќаат во добро позната средина каде во минатото настапуваа.

Искусниот напаѓач Христов доаѓа од редовите на прволигашот Македонија ЃП и треба да биде големо засилување за тимот од Автокоманда во битката за влез во Прва лига, а пак Даци се враќа од косовскиот фудбал во тимот од Автокоманда.

Второлигашот Каменица Саса ги претстави првите зимски засилување – станува збор за 21-годишниот Филип Николовски кој се враќа во редовите на Каменица Саса од Слога Виница, а пак Михаил Танчев кој има 19 години по шест месеци во Кожуф доаѓа во Саса, откако претходно имаше кратка авантура во Раднички Ниш, а ги помина младинските категории на Вардар.

Пролетниот дел на Втората лига започнува на 21 февруари.

Александар Ванев, М-Нет