
Фудбалските второлигаши од групата Исток во недела ќе ги одиграат натпреварите од редовното 6 коло во кое ќе има неколку интересни средби. Најинтересно ќе биде во рударската Македонска Каменица каде што ќе се сретнат водечкиот на табелата Каменица Саса и тимот на Кит Го од Пехчево. Ова традиционално комшиско дерби отсекогаш предизвикувало внимание во кое „царувале“ добриот фудбал, потпомогнат од навивачите од трибините, со голема возбудливост и неизвесност до самиот крај.Овој пат домашните играчи се во предност, првото место на табелата им годи и со сите сили ќе се обидат да победат и да го задржат. Од друга страна тимот на Кит Го е составен од млади дечки кои полека, но сигурно се враќаат кон горниот дел на табелата и со петни жили ќе се обидат да освојат барем бод. Веќе се делегирани и официјалните лица за овој меч на кој главен судија ќе биде Игор Иванов од Велес а ќе му помагаат Бранко Путилин и Бојан Ивановски од Скопје а четврти судија ќе биде Дарко Стојанов од Штип.За Контролор е делегиран Горанчо Фидановски а делегат ќе биде Хајро Бабичиќ и двајцата од Скопје. Интересно ќе биде и во Виница каде што силите ќе ги одмерат Слога и струмичка Беласица. Виничани до претходното коло беа на чело на табелата, но кикснаа и загубија од Детонит во Радовиш, исто како и Беласица која на домашен терен загуби токму од екипата на Каменица Саса. Еве ги комплетните парови за ова 6 коло:
- Каменица Саса – Кит Го
- Братство – Кожув
- Слога – Беласица
- Осогово – Детонит
- Локомотива – Победа
Сите натпревари ќе се одиграат во недела 3 октомври со почеток во 15.00 часот.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk