Каменица Саса апсолутен фаворит против Речица, лидерот Љуботен прашање е со каква разлика ќе го добие Кочани

Во сабота ќе се одигра еден меч, а в недела четири од 12. коло на Првата женска фудбалска лига.

Колото се отвара во Македонска Каменица со мечот меѓу Каменица Саса и Речица, во дуел каде „рударките“ ќе бидат апсолутни фаворити за седми сезонски триумф, се освен триумф за домаќинот ќе биде големо изненадување.

Дербито на колото ќе го одиграат шампионот Скопје и Тиверија Брера, соочување на вториот и третиот тим од табелата. Двете екипи во претходното коло загубија во дерби пресметки и ќе бараат враќање на победите во меѓусебен дуел.

Љуботен ќе гостува кај „фенерџијата“ Кочани каде повеќе од јасно е оти Љуботен ќе победи, само прашање со каква разлика. Во такви околности тимот од Тетово ќе го чека исходот од дербито во Пржино. Ако Скопје загуби тогаш Тиверија Брера ќе се израмни на второто место со Скопје со по 25 бодови, а Љуботен би имал 32 бодови за плус седум.

Ако Скопје успее да слави тогаш ќе остане четири бода разликата во однос на Љуботен.

Ас Јунајтед и Истатов ќе играат во Струга во подрага по петтата сезонска победа, додека пак Вардар ќе гостува кај Пелистер каде битолчанки бараат седми триумф, а „црвено-црните“ петти.

Александар Ванев, М-Нет