„Како него нема да се роди“ – штипјани и ден-денес ги слушаат хитовите на Тоше Проески

Да беше жив, Тоше Проески денеска ќе наполнеше 43 години. Човекот кој со својот огромен талент, позитивна енергија која зрачеше и љубов за сите, покажа дека музиката нема граници, а хуманоста треба да биде задолжителна особина која ќе ја поседува секој еден од нас. Нотите и секој стих од неговите познати рефрени и по 17 години од неговата смрт одѕвонуваат и се слушани од речиси секого. И овој дваесет и петти јануари се повторува реченицата „Тоше има само датум на раѓање“, нешто со што се согласуваат и штипјани.

Тоше Проески е една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, а е доживуван и како заштитен знак на Македонија. Иако имаше само 26 години, кога нѐ напушти во 2007 година, сепак тој постигна многу во својата музичка кариера и со својата уникатност и добрина успеа да ги освои срцата на многумина. Иако не се фалеше за своите добри дела, оние на кои им помогнал, а такви ги има многу, и ден-денес се благодарни за неговата хуманост.

Последната песна која Тоше ја испеал во демо верзија, а која се чинеше дека никогаш нема да го здогледа светлото на денот, денеска беше промовирана. „Кажу да време лечи све“ е издадена во студиска снимка благодарение на новата технологија со која се извадени вокалот и пијаното. Песната е оставена како аманет од Тоше на нашиот радиоводител, диџеј и продуцент, Кирил Зарлинов, кој ја завршува снимката аранжмански и денес како подарок за роденденот на Тоше ја подарува на сите негови обожаватели со цел да не се заборават ликот и делото на Тоше. Оваа демо снимка е направена во 2004 година.

Ребека Спасова М-Нет