
Во делот кај крстосницата „Дујле“, т.н. „печурки“ и кај Мирјанина црква се локациите на кои ќе останат казина и обложувалници во Штип доколку се усвои измената на Законот за игри на среќа. Измената предвидува оддалеченост од не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, па имајќи ги предвид локациите на училиштата во Штип вака илустративно би изгледал забранетиот радиус кој се предвидува. Како што потенцираат од Владата, ова е со цел заштита на младата популација, бидејќи со постојниот закон не е утврдена оддалеченост ана деловните простори во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта. Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и Асоцијацијата на спортски обложувалници и претходно реагираа на ваквата предлог-измена и велат дека истата само ќе наштети.
„Ние сме подготвени и отворени за дебата, нашата цел е да се изнајде законско решение прифатливо за сите засегнати страни. Најавените измени во неколку наврати ги дефиниравме како неприфатливи и кобни за индустријата на игри на среќа. И во оваа прилика ќе повториме дека влезот на малолетни лица во обложувалниците е целосно регулиран со Закон, а казните за непочитување на овие членови се високи и ние најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања. Ниту АСОМ, ниту нашите членки, немаат никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помлади од 18 години и правиме сè за максимално и бескомпромисно почитување на законот.“ – велат од АСОМ.
Од АСОМ сметаат дека Владата треба да спроведе заштита на малолетниците преку законски измени во насока на едукации, активности за превенција, засилени контроли и казни, како за приредувачите, така и за родителите и старателите на малолетните лица. Велат дека во неколку наврати поднесувале издржани анализи и предлози за тоа како да се заштитат малолетниците, да се унапреди индустријата, но и да се намалат негативните последици од игрите на среќа, бидејќи тоа е во нивен интерес.
Ребека Спасова М-Нет