Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.3).
Анализирани се тендерите за набавка на 150 електрични автобуси, за изградбата на спортската сала „Џексон“ во Штип и за фудбалското игралиште во Чегране. Издвојуваме дел од клучните наоди од 3 анализирани тендери:
1. Тендер за набавка на 150 електрични автобуси: По две поништени постапки, унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“, од конкуренти, одеднаш станаа партнери
- Тендерот за набавка на електрични автобуси е спроведуван трипати во период од 15 месеци. Со секое повторување, учесниците стануваа познати, како и нивните цени и понуди, со што се намалуваше неизвесноста и се зголемуваше ризикот од координација меѓу понудувачите.
- Унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот тендер настапуваа како конкуренти, за во третиот да достават заедничка понуда, која беше избрана за најповолна. Во победничкиот тим како подизведувач се јавува и ЕВН Македонија, за набавка на станиците за полнење кои ќе ги произведува „Сангроу Дојчланд“, подружница на кинеската Sungrow Power Supply.
- Победничката понуда не беше најниска и беше избрана откако две поевтини понуди беа отфрлени. Вредноста на набавката е 60 милиони евра – 57 милиони за автобусите и 3 милиони за станиците за полнење.
- Идните автобуси ќе имаат значително помал капацитет од сегашните на ЈСП. Новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што е за 20 места помалку од последно купените автобуси од Град Скопје и дури за 30 од автобусите донирани од ЕУ.
- Министерството за транспорт не ги достави побараните документи, вклучително и анализата врз основа на која е подготвена и менувана тендерската документација.
- Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата, што ги доведува во прашање начелата на конкуренција, еднаков третман и транспарентност од членот 3 од Законот за јавните набавки.
2.Спортска сала „Џексон“ од 2,3 милиони евра: Лимитот од 20 % за дополнителни работи е надминат повеќекратно со нов тендер
· Првиот договор, за изградба на објектот, изнесуваше околу 1,1 милион евра. Договорот предвидуваше дека дополнителните и непредвидените работи не смеат да надминат 20 % од неговата вредност, односно околу 220.000 евра. Во текот на градбата, проектот беше изменет. Наместо анекс кон постојниот договор, Општината објави нов тендер насловен „Дополнителни и непредвидени работи за објектот“, врз основа на кој е склучен нов договор во вредност од околу 1,25 милиони евра со ДДВ, што е дури поголем и од првиот основен договор.
· Клучно е што вториот тендер не се однесуваше на нова, одвоена градба или на независен проект, туку на „дополнителни и непредвидени работи“ на објектот што веќе се градеше. Со самиот предмет на набавката наведен од Општина Штип, очигледно е дека станува збор за продолжување и дополнување на веќе започнатите градежни работи. Член 119 од Законот за јавни набавки е дециден дека вредноста на непредвидените и дополнителните работи не смее да надмине 20 % од основниот договор.
· Тоа што тендерот беше спроведен преку отворена постапка овозможи само формална транспарентност. Тендерската документација не содржеше доволно прецизно разграничување меѓу веќе изведените и новопредвидените работи. Во моментот на спроведување на вториот тендер, првиот договор сè уште не беше завршен. Документацијата не беше надополнета со јасно означување на веќе изведените позиции, состојба на градилиштето, рокови, начин на воведување во работата, одговорност за веќе изведените и за новите работи, разграничување на гаранциите помеѓу стариот и новиот изведувач, прашања поврзани со пристапот на градилиштето, технички поврзувања со постојната градба итн.
· Очекувано, на вториот тендер понуда достави само една фирма – „Сандра Инженеринг“ Скопје, истата што тековно веќе ја градеше салата. Од септември 2025 до јули 2026 година, истата фирма паралелно изведуваше два договори на ист објект, под ист надзор.
3. Реконструкција на фудбалско игралиште во село Чегране: На тендер – фудбалски стадион, на терен – ледина со исушена трева
· Фудбалското игралиште требаше да биде реконструирано уште во декември 2023 година. Речиси три години подоцна, наместо функционален терен, на локацијата нема ниту бусен трева, ниту реновирани трибини, ниту систем за наводнување, ниту осветлување – како што беше предвидено со тендерот.
· Договорот го склучила Агенцијата за млади и спорт во март 2023 година, во вредност од околу 112 илјади евра. Досега се исплатени околу 70 илјади евра, односно приближно 63 % од вкупната сума.
· Според последниот извештај на надзорот и според состојбата на терен, на игралиштето не се работи уште од втората половина на 2025 година. Договорот за реконструкција на фудбалскиот стадион е веќе истечен.
· Министерството за спорт, како правен наследник на Агенцијата, не одговори ниту дали се преземени мерки поради неисполнувањето на договорот, ниту дали се применети договорните механизми за санкционирање на доцнењето.
· Ваквата состојба укажува на сериозна негрижа за ефектот од потрошените јавни пари. Кога институциите можат да стигнат до состојбата да бидат исплатени десетици илјади евра, а притоа да не се добие функционален објект, тоа отвора сериозно прашање за ефикасноста на контролата, управувањето со договорите и одговорноста за трошењето на јавните средства.
До целото истражување може да пристапите преку следниот линк.
Текстот Истражување на ЦГК: Унгарски „Икарус“ и кинески „Зонтонг“ од ривали станаа заеднички добитници на тендерот за 150 автобуси е превземен од МАКФАКС.