
Македонското карате доби нов светски шампион. Марко Џорлев се искачи на највисокото место на пиедесталот на Светското првенство за кадети, јуниори и натпреварувачи до 21 година, кое се одржа во Бјелско-Бјала во Полска. Тој во финалната борба во кадетска конкуренција до 63 килограми го совлада Адам Баги од Унгарија со 4-1, заокружувајќи го својот супериорен настап.
Џорлев до светското злато стигна со извонредна низа на победи. Пред финалниот триумф над Баги, тој редум ги победуваше Алехандро Перез од Куба со 10-6, Хозе Андрес Гарсија од Гвајана (6-1), Леонс Акоповс од Латвија со 6-0, а во полуфиналето беше убедлив против Јан Мата од Панама со 8-0. По историскиот успех, во родниот Штип беше приреден голем пречек за светскиот шампион, каде беа споделени силни емоции и голема гордост.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, не ги криеше емоциите за големиот успех.
„Имам посебно чувство и емоција во себе, која не се пренесува со пишан текст и говор, туку тоа чувство можам да го пренесам со зборови кои излегуваат од моето срце. Марко ти си млад на години, но големи се твоите спортски дела, ти си толку едноставен, но толку совршен во каратето. Продолжи да бидеше најдобар во тоа што го правиш, продолжи да го гордееш твојте родители, твоите тренери, да не гордееш нас присутните, Штип и Македонија, ти честитам“, рече градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Огромна заслуга за овој резултат имаат неговите клупски тренери од карате клубот Штип, Сашко и Жарко Арсовски. Тренерот Сашко Арсовски истакна дека нивната визија конечно станала реалност.
„Благодарам за овој најдобар пречек до сега во мојата кариера. Јас и Жарко имавме една цел да створиме светски првак и тоа го направивме, тоа е Марко Џорлев. Република Македонија и градот Штип го има најдобриот на светот, светскиот првак Марко Џорлев. Неговата интелегенција, неговата енергија, неговото искуство го искористи и дојдовме до целта“, рече тренерот Сашко Арсовски.
За макотрпната работа и одрекувањата кои стојат зад овој медал, зборуваше тренерот Жарко Арсовски.
„Штип доминира со светски медали со светските титули, се надеваме дека тоа ќе продолжи со макотрпна работа и уште повеќе успеси. Работата со многу со Марко изгледа многу едноставна, меѓутоа верувајте дека е многу тешко, треба да се стане во 5:30 наутро, пред училиште, после училиште повторно тренинг. Едноставно ние немаме нормален живот, ние само тренираме, а кога ќе имаме слободно време седиме на кафе и пак зборуваме за карате. Тоа е нашето секојдневие. Станавме светски шампиони во кадетска конкуренција со Марко, од денеска понатаму поставуваме следна цела ќе имаме задача да освоиме светска сениорска конкуренција“, рече тренерот Жарко Арсовски.
Светскиот шампион Марко Џорлев, со голема скромност, но и свесност за тежината на постигнатот им се обрати на присутните.
„Ова мое обраќање кон вас сакам да го започнам со зборовите кои на социјалните мрежи ги објави мој тренер Жарко по својувањето на светската титула, а тоа беа „Македонија има светски шампион, Штип има светски шампион, КК Штип има светски шампион“ Овој златен медал, овој успех е историски успех за Македонија, ова е прв златен медал на Светски првенства во карате. Ова е навистина голема чест да се биде првиот освојувач на златниот медал за Македонија во карате, чувството е прекрасно. Овој златен медал потекнува уште многу одамна, потекнува од 2016 година кога јас почнав да тренирам карате на само пет годишна возраст јас почнав да тренирам во КК Штип, најдобриот клуб, со најдобрите тренери Сашко и Жарко Арсовски“, рече светскиот шампион Марко Џорлев.
За клучниот момент пред финалната борба и мотивација, младиот Џорлев додаде.
„Пред финалето имав огромна мотивација од моите родители, голема благодарност до нив, многу ме мотивираше мојот татко, кој пред финалето ми кажа дека среброто секако ми е на вратот, кога сум во финале и да стојам имам сребрен медал, ми рече оди и замени го среброто со злато и јас тоа и го направив. Исто така, голема благодарност до новинарот Александар Ванев кој можам да кажам дека прв го забележа мојот талент и подвик и до ден денеска ме прати“, рече Марко Џорлев.
Златото на Марко Џорлев останува светол пример и потврда за квалитетната подготовка, вистински пристап и посветена работа, Македонија, но и Штип да бидат на самиот светски врв.
Александар Ванев, М-Нет