
Воска Спорт слави голема победа над Вардар со 3:2 на домашен терен и стигна до првата историска победа во Првата лига во рамки на 3. коло.
Во доминантен и квалитетен меч Воска Спорт стигна до првите сезонски бодови односно по двата порази на стартот од сезоната стигна до прва победа.
Вардар имаше и три гола негатива, но се разбуди доцна, откако во финишот на вториот дел постигна два гола за конечни 3:2.
Ален Јашароски постигна хет-трик откако на полувреме Воска имаше 2:0.
“Комити” ги повикаа играчите на Вардар да дојдат до трибината за да добијат “лекција” по негативата од 2:0 од Воска Спорт на полувреме.
На стартот од вториот дел Јашароски веднаш постигна гол за 3:0.
Во финишот на мечот Вардар со голот на Глишиќ од слободен удар намали на 3:1.
Во судиското надополнување Жоглев намали на конечни 3:2.
Брегалница го доби разнишаниот и блед Гостивар на домашен терен со 2:1.
“Сините” резултатот го отворија со голот од пенал на Фабрицио Венегас во 10. минута. На полувреме во Штип резултатот беше 1:0.
Во вториот дел Брегалница зголеми на 2:0 со голот на Роналдо Вебстер, а Ремзифаик намали на конечните 1:2.
Тиквеш го забележа првиот пораз во новата сезона, откако на домашен терен беше поразен од Шкендија со 1:2.
Гостите од Тетово имаа водство од 0:2 со головите на Чинари и Елези, а пред крајот на првиот дел Мојсов намало на конечни 1:2, откако во вториот дел мрежите мируваа.
Скопската пресметка меѓу Работнички и Македонија ЃП заврши со триумф од 1:0 за “романтичарите”, кој до целиот “плен” стигнаа со голот на Велкоски.
Шкупи и Силекс ги поделија бодовите играјќи 1:1.
Прв на Чаир до водство стигна Шкупи во првиот дел од мечот со голот на Мачал Пинтер.
Шкупи имаше водство до 77. минута откако Силекс го израмни резултатот на 1:1 со голот на Марко Ѓорѓиевски и со тоа го постави конечниот резултат.
Колото го комплетираат Брера и Струга Трим Лум.