На 556 пензионери кои имале платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола а не располагале со платежни картички, денеска им биле исплатени средствата во филијалата во Битола, соопшти НБРМ.
Според првичниот план, како што информираат од НБРМ се очекувале околу 400 исплати.
„Исплатата на средствата се одвиваше во најдобар ред. Иако за денеска преку СМС-пораки беа повикани околу 400 граѓани, на шалтерите беа услужени сите граѓаните кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можеа да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели.
Истовремено, на сметките на „АЛТА банка“ АД Битола денеска се уплатени и средствата наменети за исплата на социјалната помош од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со тоа се создадени услови исплатата на средствата за корисниците на социјална помош да започне од утре, 6 ноември“.
НБРМ потсетува дека филијалата на „АЛТА банка“ во Битола утре (6.11) ќе работи во две смени, а ќе работи и во сабота.
Од таму очекуваат по извршените подготовки, следната недела да се отворат шалтери и во другите градови.
„Народната банка продолжува со преземање активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање соодветни решенија за постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите“.
Текстот Исплатени средства на 556 пензионери од „Алта банка“АД Битола е превземен од МАКФАКС.