Пратеникот на Левица, м-р Реџеп Исмаил – Хактан, на собраниска седница побара одговорност од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и од Министерството за внатрешни работи поради транспортот на варовник од локалитетот меѓу селата Пагаруша и Вртекица во Општина Студеничани. Тој предупреди дека тешките товарни возила ја загрозуваат безбедноста на локалното население и дополнително го оштетуваат патот што жителите со децении сами го одржуваат.
„Камионите поминуваат буквално низ средината на селото, на местото каде што играат децата. Станува збор за масивни товарни возила натоварени со варовник, кои се движат по пат што не е предвиден ниту за нормален сообраќај, а камоли за ваков товар. Постои огромна опасност да настрада дете или некој од жителите“, предупреди Исмаил.
Тој посочи дека локалниот пат е изграден уште во времето на Југославија, а во изминатите четири децении жителите на Пагаруша и Вртекица сами го чистат, крпат и одржуваат, без соодветни вложувања од Општина Студеничани и централните институции. „Станува збор за пат што секојдневно го користат ученици, работници и семејства кои патуваат кон Драчево и Скопје, а на кој недостасува соодветна сообраќајна сигнализација“.
„Четириесет години овие луѓе како да не постојат за општината. Сами го одржуваат патот, сами го чистат и сами го крпат. Сега, без да вложите ништо во него, давате одобрение за експлоатација и дозволувате тешките товарни возила дополнително да ја нарушуваат неговата состојба и безбедноста на жителите“, истакна пратеникот.
Исмаил побара од министерката да објасни дали при преносот на концесијата, потпишан на почетокот на 2026 година, биле исполнети обврските предвидени во член 6 од договорот. Тој отвори прашања дали надлежните институции ја утврдиле состојбата и носивоста на патот, дали извршиле контрола на осовинското оптоварување на камионите и дали концесионерот ги обезбедил потребните услови за безбеден транспорт.
„Дали ги информиравте другите надлежни институции? Дали тие ги направија потребните проверки и дали добивте извештаи врз основа на кои сте сигурни дека се исполнети сите услови пред да го потпишете преносот на концесијата?“, праша Исмаил.
Дополнително, пратеникот го проблематизираше надоместот од околу 100.000 денари наведен во договорот за пренос на концесијата, истовремено нагласувајќи дека приоритет мора да биде заштитата на населението и обезбедувањето соодветна патна инфраструктура.
Исмаил посочи и дека се обидел преку барање за пристап до информации од јавен карактер да ја прибави дозволата за користење на локалниот пат, но не добил одговор од Општина Студеничани. Според неговите информации, дозволата била издадена уште во 2014 година, поради што побара да се утврди дали при преносот на концесијата биле направени нови проверки на состојбата на патот.
Според Исмаил, жителите повеќепати се обидувале да организираат протести, но се соочувале со закани, а полициски службеници наводно интервенирале за да ги одвратат од протестирање.
„Жителите неколкупати се обидуваат да протестираат, се соочуваат со разни закани, а дури и полицајци доаѓаат во име на инвеститорот да ги убедуваат дека не смеат да протестираат. Тоа е недозволиво“, посочи Исмаил, барајќи надлежните да ги испитаат овие наводи.
Пратеникот побара итно постапување на надлежните инспекциски служби, прибавување на целокупната документација поврзана со концесијата и дозволите за транспорт, како и проверка дали локалниот пат воопшто ги исполнува условите за движење на тешки товарни возила.
„Ве повикувам повторно да го истражите случајот, да ги испратите сите надлежни инспекции, да ја прибавите целокупната документација и да утврдите дали по овој пат навистина можат безбедно да се движат вакви тешки товарни возила“, порача Исмаил од собраниската говорница.
Текстот (Видео) Исмаил: Пагаруша и Вртекица ги плаќаат туѓите профити – камионите го уништуваат патот, власта го штити концесионерот! е превземен од МАКФАКС.