
Одржана инфо-сесија во Штип за потенцијалните корисници на програмата „Креативна Европа – потпрограма култура“. Информативните сесии се за тековните повици на категориите „Проекти за соработка“ и „Циркулација на европските книжевни дела“ за 2023 година. Различни здруженија, локалните институции и образовни установи можеа да се запознаат со сите можности и критериумите за овие повици.
„Целта на овие настани е да се промовира повикот и програмата, односно да се запознаат потенцијалните корисници и апликанти со критериумите, условите за учество во креирање на европски проекти, коишто во основа се копродукциски и транснационални проекти, а во оваа насока ние ја спроведуваме оваа програма уште од 2008 година. Сега оваа програма е влезена во третиот програмски циклус, така што ние како земја станавме официјален учесник во оваа програма уште во 2021 година, а нашата канцеларија повторно почна да функционира официјално од оваа година“, истакна Билјана Прентоска од Министерството за култура.
Информативните сесии започнаа од Скопје, а потоа продолжија во Велес, Гостивар и Тетово, а денес се реализира во Штип. Прентоска вели дека се задоволни од покажаниот интерес, меѓутоа стремежот е интересот за учество во вакви проекти да се зголеми.
„Ние сме задоволни со одзивот, започнавме во Скопје, задоволни сме со заинтересираните потенцијални апликанти и организации кои го посетија нашиот настан. Генерално, да, сме задоволни, во основа тоа е бројот којшто се движи и во претходните години, но нашата цел е уште повеќе да ја промовираме оваа програма и да ги мотивираме организациите, да ги охрабриме дека не е толку тешко да се биде учесник“, додава Прентоска.
Ова е последна инфо-сесија по сите одржани во вкупно пет града, која се одржа во НУ-ЦК „Ацо Шопов“. Задачата на канцеларијата на Креативна Европа е да пружи практични информации, совети, техничка помош и друг вид поддршка за потенцијалните апликации во процесот на подготовка на проект.
Ребека Спасова М-Нет