Интезивно се работи на поврзување на новата водоводна мрежа во Штип, денеска ќе се нормализира водоснабдувањето

Интезивно се работи на поврзување на новата водоводна мрежа во Штип. Во текот на денот постепено ќе се нормализира водоснабдувањето во одредени населени места кои од утринава немаат вода за пиење. Директорот, Кирил Зајков, од лице место посочи дека активностите се одвиваат во најдобар ред. Првата вода да не се користи за пиење, а утре веќе ќе се направат и анализи за квалитет на истата.

„Се наоѓаме на лице место или онаму каде една од четирите екипи кои вршат поврзување на новата линија. Екипи на ЈП „Исар“ и приватниот изведувач работат од рано утринава, за сега работите се одвиваат во најдобар тек. Водата може да се користи, но како препорака оти станува збор за комплетно нова водоводна линија во должина од еден километар е додека не помине онаа прва вода да не се користи за пиење“ – вели Зајков.

Со новата водоводна линија се очекува дефектите да бидат минато, и да се нормализира водоснабдувањето во сите населени места во градот. Дополнително се работи и на директно поврзување на населбата Баби со резервоарот на ЈП Исар, со што оваа населба вода за пиење ќе добива од два крака.

„Самиот факт дека е нова водоводна линија, очекуваме дефектите кои во минатото беа секојдневие дека ќе завршат и ќе поминат во историја. Дополнително она што го работиме е директно поврзување на населбата Баби со резервоарот на ЈП Исар. Населбата Баби ќе се снабдува со вода од два крака“ – додава Зајков.

Во оваа прилика Зајков повика на трпение и разбирање од страна на граѓаните бидејќи се работи на проекти со кои ќе се решат проблемите стари со години. Можни се несакани појави, вели тој, но додава дека засега се прават сите напори поврзувањето да биде завршено согласно планираното.

Лаура Стојанова М-Нет