Идентична ковид – ситуација во општините од Истокот, починало едно лице од Штип

Намален бројот на заболени од Ковид-19 во изминатото деноноќие. Во последните 24 часа регистрирани се 298 новозаболени лица. Во општините од Истокот ситуацијата – идентична како во изминатите денови. Од штипската болница информираат дека во изминатиот ден новопримени се четири пациенти, а испишани се двајца. Починато е едно лице на возраст од 72 години од Штип. Бројот на хоспитализирани изнесува 30 од кои осум се вакцинирани, а 20 пациенти имаат потреба од кислородна поддршка. Слободни се 30 кревети на Инфективното и десет на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во Кочани – стабилна ситуација без промени од вчера. Хоспитализирани се тројца пациенти од кои двајца се вакцинирани. Бројот на слободни кревети изнесува 24, информираат од болницата.

Во општините од Истокот активни се 347 ковид – случаи, од кои најмогу има во Штип – 104, Кочани – 84 и Делчево – 75. Во останатите општини бројката е двоцифрена, но помала, освен во Пехчево каде има активни само пет ковид – случаи.

Според информациите на Министерството за здравство, вкупно во земјава заклучно со вчера, направени се 1.512.496 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 220.467, бројот на оздравени пациенти е 207.238, на починати е 7.778, а бројот на активни случаи изнесува 5.451.

Лаура Стојанова М-Нет