Ивановска: Корупцијата ја има кога приватниот сектор бара некаков документ од институциите

Корупцијата во секторот економија најчесто се јавува во односот помеѓу приватниот сектор и државните институции, смета претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска. Според неа, тука доаѓа до случаи во кои се добива некаков документ, а со коруптивни алатки. Како превентивна институција, Ивановска вели дека имаат предложено мерки, но нивната реализација од 10% е еднаква на нула.

„И тој дел во секторот економија сме го детектирале како висок ризик, односно односот на приватниот сектор со државните институции, бидејќи приватниот сектор има потреба да побара определени документи, дозволи, лиценци од државните институции и тука доаѓа до ризик од корупција, дали во однос на тоа побрзо да се добие документот, дали да се добие документ што не треба да се добие, има разни облици коишто се ризични и ние тоа сме го детектирале и сме предложиле активности како тоа да се надмине“, истакна Ивановска.

Изминатиов период е направена и анализа на состојбите во правосудниот сектор, искуство што Ивановска денеска го пренесе на дебатата „Правда, судство и работнички права“ во Штип, во рамки на седмата „Текстилијада“. Претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, во однос на ова вели дека судската пракса тешко оди.

„Во минатото се однесуваше за неисплаќање на плата, исплата под минималец, неисплатена прекувремена работа, минат труд, а сега, знаете, во однос на затворање фирми, да го натераме ОЈО да постапи по сомненија за сторени кривични дела и таа судска пракса некако ни оди потешко. Сега, конечно, пуштивме и за стечајната управителка за сторениот лажен стечај којшто го докажавме, ОЈО рече дека нема елементи на кривично дело а Вишото јавно обвинителство дека има, значи работите одат потешко“, вели Ампева.

Денешната дебата вклучуваше претставување на актуелната состојба, пречките и проблемите со кои се соочуваат работниците и Здружението во судските лавиринти со цел поефикасно судство и еднакви права за сите, а учествуваа адвокати, судија, претставници на Трудов инспекторат.

Ребека Спасова М-Нет