
Спортското качување со години е во нагорна линија во Штип, но и во самата држава, но не во поглед на квантитетот, туку во поглед на квалитетот, за што потврдува и Јован Иванов од спорско качувачкиот клуб Астибо од Штип.
Во овој спорт доста масовна е У-9 категоријата и во градот под Исарот, има голем број на дечиња кои се интересираат за овој спорт, а како што вели Иванов нивната цел е секој професионално да се занимава со спортското качување, а не само како хоби.
„Спортот е во нагорна линија веќе со години, тоа го чувствуваме ние најмногу како клуб, меѓутоа не во поглед на квантитетот, туку во поглед на квалитетот кој што се задржува. У-9 категориите се почеток, меѓутоа имаме балкански првак во У-21 што малтене беше сениорска категорија затоа што У-21 веќе се легитимни сениори. Тоа значи дека работиме со сите можни категории и успеваме да ги задржеме до возраст на професионализам. Се после 21 година веќе е чекор напред каде што е нов предизвик за нас како да најдеме начин како да работиме сениори кои професионално само ќе се занимаваат со спортско качување не само како хоби“, вели Иванов.
Спортското качување во Македонија е динамичен и брзорастечки спорт поделен на качување по природни карпи и вештачки карпи. Во Штип активен е качувачкиот клуб Астибо кој бележи големи резултати и постои долги години, а локалитетите како Горни Балван во општина Карбинци се развиваат како нови дестинации за качување.
Токму тоа Иванов претходно за М Нет го потврди бидејќи во план е во текот на овој месец да се организира фестивал односно собир на сите качувачи од Македонија со цел да се запознаат со сите можности што ги нуди Горни Балван за овој спорт.
Александар Ванев, М-Нет