И Турците во Штип ја славеа победата на Ердоган на претседателските избори

Турците во Штип вчера ја прославуваа победата на Реџеп Таип Ердоган во вториот круг од претседателските избори. Победата на Ердоган не се славеше само во Турција, туку и во повеќе градови од Македонија и Германија и други земји. На гостиварскиот плоштад, на пример, бил нарушен и јавниот ред и мир со користење на пиротехнички средства од страна на 36-годишник од Република Туција со времен престој во Скопје. Честитки за новиот претседателски мандат на Ердоган упатија лидерите на повеќе држави, а по овој повод се огласи и премиерот Ковачевски.

„Големото и традиционално пријателство помеѓу Северна Македонија и Турција продолжуваме да го развиваме на билатерален економски план и во рамки на партнерството во НАТО. Пред нас се предизвиците на глобален план и уверен сум дека како и досега, ќе работиме заедно и со уште поголема посветеност на сигурноста и стабилноста на регионот и Европа и мирот во светот.“ – напиша Ковачевски.

Ердоган на чело на Турција е од 2014 година. Прво, во 1994 година бил првиот исламистички градоначалник на Истанбул, кој бележи намалување на загадувањето на воздухот во градот, решение за сообраќајниот метеж и проблемот со водоснабдувањето. Во 1998 година беше осуден на десет месеца затвор за ширење верска омраза, по што поднесе оставка од функцијата градоначалник, но помина само четири месеца во затвор.

Победата на Ердоган го продолжува неговиот мандат како лидер со најдолг стаж откако Мустафа Кемал Ататурк ја основа модерна Турција по распадот на Отоманската империја пред еден век. Тој е реизбран за претседател на Република Турција во наредните пет години.

Ребека Спасова М-Нет