Земал брз кредит од 9000 денари, вратил 75 илјади денари – Правобранителот повика на зголемена контрола

За земен брз кредит од 9 илјади денари, задоцнил неколку месеци, па му наплатиле огромни трошоци и морал да плати сума од повеќе од 75 илјади денари. Со сегашните Законски регулативи граѓаните се соочуваат со огромни финансиски трошоци, констатираше народниот правобранител, Насер Зибери, па упати препорака до надлежните да се пристапи кон измени на Законот.

„Со цел граѓаните при враќање на кредитите да не бидат повеќекратно оштетни“, вели Зибери.

Надлежноста за надзор врз овие институции е на Министерството за финансии, ама според Зибери истата треба да се прошири и да се прави поголем надзор врз истите.

„Институцијата надлежна за оваа работа е Министерството за финансии, но мислам дека овде треба да се прошири надлежноста на институции кои вршат надзор над работата на овие институции, вклучувајќи ја и Народна банка“, додава Зибери.

Загрижува фактот дека сè повеќе се нудат брзи кредити и голем дел од граѓаните ги користат истите. Ако се задоцни плаќањето, праксата покажува дека се испраќаат заканувачки пораки, писма на домашна адреса и слично. Не се исклучува и фактот дека често во полициските билтени има пријави за земени брзи кредити на туѓо име. Заради овие и низа други проблеми, Зибери препорача поголема контрола врз институциите.

Ребека Спасова М-Нет