Зголемување на транспарентноста и намалување на корупцијата, Штип дел од проектот „Заедници за интегритет“

Зголемување на транспарентноста и намалување на корупцијата е целта на проектот „Заедници за интегритет“ од кој дел е и Општина Штип. Денеска беше првата фаза од имплементирање на проектот, запознавање на јавноста и вклучување на сите релевантни институции во насока на градење на еден механизам со кој ќе се воспостави зголемена контрола. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека со ова ќе се подобри состојбата со корупцијата која е присутна во системот.

„Прелу овој проект ќе се работи на зајакнување на отпорноста на Локалната самоуправа од корупција. Дел од овој проект се шест општини меѓу кои и Штип, со цел да се зајакне напрво транспарентноста во носењето на одлуките под локално ниво, да се зајакне и воспостави систем механизам на контрола на работењето на Локалната самоуправа, да се зајакне одговорноста која институцијата ја има“ – вели Јорданов.

Набавките и вработувањата се области каде што има голем ризик од корупција, особено во образованието, здравството и слично. Колку и како ќе се имплементира проектот во наредните две години зависи од сите засегнати институции, посочи Јорданов.

Проектот е финансиран преку Швајцарската агенција за развој и соработка.

Лаура Стојанова М-Нет