
Високи дневни температури и зголемена потрошувачка на вода во Штип. Ова го покажуваат анализите на филтер станицата во Штип. Најголема потрошувачка има во вечерните часови кога се наводнуваат и бавчите. Меѓутоа, филтер станицата располага со доволно вода за да се покријат потребите на граѓаните на екстремно високи температури овој период од годината.
„Со зголемување на температурите бележиме и зголемување на потрошувачката на вода. Во овој период минималната потрошувачка на вода е во утринските часови и изнесува некаде околу 110 литри во секунда, просечната потрошувачка е околу 180 литри во секунда, додека пак максималната потрошувачка на вода ја бележиме во попладневните часови и таа достигнува до 250 литри во секунда“ – вели Глигорова.
Штип се снабдува со вода за пиење од ХС Злетовица. Филтер станицата располага со капацитет од 300 литри во секунда, што значи дека нема простор за паника дека повисоките зони од градот ќе останат без вода за пиење. Апелот и овој период од годината останува исти, граѓаните рационално да ја користат водата за пиење.
„Постојано се следи водоснабдувањето, филтер станицата располага со капацитет од 300 литри во секунда, но останува апелот за рационално користење на водата“ – додава Глигорова.
Претходно Штип со вода за пиење се снабдуваше преку бунарски систем и честопати се случуваше во летниот период високите делови од градот да останат без вода за пиење или да бидат со слаб притисок. Дополнително се трошеше и многу повеќе електрична енергија. Со приклучувањето на Штип на ХС Злетовица, во 2022 година водоснабдувањето е стабилизирано, а се намалени и сметките за струја.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет