Зголемен процентот на вакцинирани со МРП вакцина во Штип, на национално ниво опфатот е низок

Нискиот степен на вакцинација со МРП вакцината носи закана од епидемија на морбили во државата. Сепак, ова не може да се каже и за Штип, зашто регионов располага со позитивни статистики за тоа колкумина се вакцинирани. Д-р Ана Бурева од штипскиот Здравствен дом вели дека првата доза се аплицира на едногодишна возраст, а втората доза на школска возраст. Процентот е повисок за втората доза оти родителите гледаат дека нема несакани дејства од првата доза и не се плашат.

„Стапката на имунизација со ММР вакцина во Штип е на позадоволително ниво за разлика од националното ниво кое го имаме. За 2022 година првата доза ни е со 75,6% и втората доза, односно ревакцината, ни е со 93,7%. За разлика од овој процент којшто е за минатата година, последното тримесечје бележиме некој пораст со тоа што првата доза ни е со 84,3%, а ревакцината со 94,4%“, вели Бурева.

Она што родителите ги спречува да ги вакцинираат децата е стравот од аутизам, велат од УНИЦЕФ. Д-р Бурева вели дека родителите треба да разговараат со лекарите за правилно да се информираат. Праксата покажува дека родителите почесто го одложуваат вакцинирањето отколку што го одбиваат.

„Не би рекла дека одбивањето е целосно, туку родителите, можеби, имаат некој страв и чекаат одредена возраст за детето да прозбори, да прооди, што не е реално и треба да дојдат да поразговараат со нас. Ја примаат децата вакцината, но не во одредената возраст како што е по календарот на една година, туку некако подоцна, веќе околу втората година овој процент се постигнува кај нас“, вели Бурева.

Штип во реални услови има прилично добар процент на вакцинација, но сѐ уште ја нема досегнато идеалната бројка од 95%. Неимунизацијата на децата, вели доктор Бурева, е најголема закана за оние кои се под една година.

„Најидеално за вакцинацијата е процентот да биде околу 95 и повисок од тоа за да не настане можност од појава на епидемија со морбили. На национално ниво, секако, ни се пониски овие вредности и секогаш кога се пониски има можност за појава на епидемија, особено тука се загрозени дечињата кои се под едногодишна возраст, кои и онака не подлежат на имунизација, немаат доволно имунитет за оваа болест. Кај нас се трудиме, разговараме со родителите во однос на самата вакцина, нашите врати се отворени за секакви прашања во однос на имунизацијата“, додава Бурева.

Тоа што Штип има добар степен на вакцинација не значи дека е изземен од опасноста за епидемија на морбили. Ако дојде до таков случај, вели д-р Бурева, епидемијата лесно ќе се прошири низ целата држава.

Ребека Спасова М-Нет