Зајакнати мерки за заштита на здравјето на штипјани

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски одржа координативен состанок заедно со претставници од неколку текстилни фабрики, превозници од локалниот превоз што ги превозуваат работниците, „Гласен текстилец“, „Хелсиншки комитет“, Центарот за јавно здравје и сите надлежни инспекторати кои се задолжени во спречување на ширењето на Коронавирусот.

На овој состанок се разговараше за насоки и чекори за заштита на граѓаните од вирусот Ковид 19.

„Овој состанок беше доста корисен заради тоашто добивме инфомрација што веќе превзеле работодавачите во насока на заштита на работниците, но и ги информиравме кои се насоките и како треба да се справуваат со оваа состојба,“ изјави градоначалникот Бочварски.

Центарот за Јавно здравје даде насоки за продолжување на дезинфекција на автобусите и превозните средства на превозниците, а исто така по завршување на работното време треба да се дезинфицираат и погоните и работните простории, со средства пропишани и дозволени од ЦЗЈ.

Претставници од Центарот за Јавно здравје одговараат на повиците и на потребите на граѓаните, како и на институциите. Денеска е одржана обука во Казнено поправниот дом во Штип.

„Во моментот нема лице од Штип коешто се тестира на инфективното одделение и нема простор за паника. Имаме редовен контакт со лицата коишто се во самоизолација и тие се добри и немаат никакви симптоми,“ изјави директорката на ЦЗЈ Штип, Д-р Марија Димитрова.

Општина Штип овие денови врши редовно миење и дезинфицирање на улиците, површините за пешаци, плоштадот, градскиот пазар. Од штипската локална самоуправа апелираат да се следат препораките на Владата и Министерството за здравство.