
Започна судењето за убиството на турскиот државјанин, кој беше убиен во угостителски објект во центарот на Штип во мај годинава. Денеска во Судот во Штип под силно полициско обезбедување беа петмината осомничени, од кои еден за извршување на убиство и недозволено држење на оружје, а останатите четири лица за помагање во извршување на убиството.
Од ОЈО Штип во воведните зборови беше посочено дека на 8 мај е извршено дрско, организирано убиство со логистичка поддршка, свесно и активно. Првоосомничениот извршител на убиството бил со непријавен престој во државата, со оружје за кое немал дозвола, осудуван во Турција за кривични дела убиство и недозволено држење на оружје. Второ и третоосмничените исто така биле осудувани во Република Турција, а во Македонија се преставувале со лажен идентитет. Затоа обвинителството побара строга казна за извршеното дело.
Од друга страна одбраната посочи дека се направени пропусти, па побара делото да биде класифицирано како убиство во миг. Од таму посочија дека обвинението е невистинито, со приложени докази за тоа.
„Денеска имавме прилика да видиме добро составено обвинение од страна на ОЈО Штип, но за жал истото не е вистинито. Ние како одбрана увидовме низа на пропусти во обвинението и сметаме дека ОЈО Штип со ваквото обвинение не докажува разумно сомневање дека ние како одбрана ќе ја докажеме вистината дека ниту убиството е сторено со умисла, а ниту пак соизвршителите се помагачи во ова кривично дело.„ – вели Османов.
Убиството се случи на 8 мај во кафе бар на плоштадот Слобода во Штип, каде беше убиен Турски државјанин.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет