
Распишана тендерската постапка за избор на најповолен изведувач, економски оператор, кој ќе го гради најголемиот капитален проект во Штип, булеварот Партизанска и поврзување на населбата Осми Ноември со населбата Баби. Се очекува градежните активности на терен да започнат напролет, а целосната изведба да заврши до крајот на оваа година. Освен булеварско поврзување на овие две населби, ќе се работи на промена на водоводната и канализациона мрежа. За оваа инсвестиција средствата се издвоени од Буџетот на Општина Штип.
„Конечно смогнавме сили од Буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните, обезбедивме средства во износ од 2,5 милиони евра за реализација на овој капитален проект кој предвидува освен булеварско решение, третирање на целата подземна инфраструктура со изместување на главната водоводна линија, на главната фекална линија и атмосферско решавање овде.“ – вели Јорданов.

Просторот дополнително ќе биде и осветлен со што овој дел од градот ќе биде модерно урбанизиран. Градоначаникот Јорданов посочи дека овој капитален проект ќе придонесе за поголема безбедност во сообраќајот и за пешаците и за возачите.
„Очекуваме напролет веќе овде да започне градежната активност за решавање на проблемот на овдешните граѓани. Ќе биде целосно осветлен и сметам дека на тој начин дополнително ќе се урбанизира целиот потег од населбата Осми Ноември до населбата Баби.“ – додава Јорданов.
Во оваа прилика Јорданов истакна дека активностите на терен нема да завршат овде. Во периодото кој следи со парите од самопридонесот ќе се работи на промена на водоводната мрежа со што нема да има проблеми со водоснабдувањето во градот.
Лаура Стојанова М-Нет