
После повеќе децении, жителите на штипската приградска населба Чардаклија наместо техничка вода од бунарите на „Македонка“, ќе добиваат вода од јавниот водовод. Станува збор за инвестиција од 5.5 милиони денари. Цевководот во должина од 1500 метри ќе поминува под магистралниот пат Штип – Кочани.
Денес заменик градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов и директорот на ЈП „Исар”, Живко Тасев беа на увид во градежните активности за изградба на водоводната линија до Чардаклија.

–На овој начин конечно, жителите на село Чардаклија, вкупно околу 920, односно околу 70 семејства ќе добијат чиста и здрава вода за пиење. Ова е втора инвестиција од ваков тип, бидејќи претходно, во населба Балканска, со инвестиција вредна околу 22 милиони денари, беше решен проблемот за водоснабдување, со што околу 600 жители исто така конечно добија здрава и чиста вода за пиење – истакна заменик градоначалникот Јане Миланов.

За неколку дена би требало да заврши првата фаза од поставувањето на 200 метри од цевководот, по што ќе се премине кон поставување водоводни цевки и кон Чардаклија. Кон оваа водоводна мрежа освен жителите на Чардаклија, ќе бидат приклучени и повеќето стопански објекти во околината.
Овој проект е дел од ветувањата дадени од страна на локалната власт, дознаваме од директорот на ЈП Исар, Живко Тасев.
–Ние во овој четиригодишен мандат ветивме Балканска, Чардаклија и Насеље да добијат вода од нашата филтер станица. Балканска веќе доби вода, останува Чардаклија оваа година. Во зависност од временските услови, нормално доаѓаат и зимни периоди, ако успееме и во наредната година да добие и населба Насеље вода од нашата филтер станица – изјави директорот на ЈП Исар, Живко Тасев.

Што се однесува до водоводната линија 2, се`уште е во неизвесност кога ќе се започне со активности. Тасев рече дека се очекуваат средствата кои беа предвидени за изградба на карго аеродромот.
Станува збор за околу два милиони евра.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ИГОР ЗИВРЕВ
Монтажа ИГОР ЗИВРЕВ