
По завршување на вакцинацијата на вработените во училиштата, од денеска во салата „Јордан Мијалков“ во Штип се вакцинираат вработените од приватниот сектор. Заинтересираност има, а треба да се упати барање со што ќе им се додели термин за вакцинирање.
„Има интерес кај нас конкретно од текстилниот сектор, од маркетите меѓутоа насоките за нив се да се упатат до коморите на стопанственици, да пондесат барање и ќе им биде доделен термин за вакцинација“ – истакна Дијана Миланова Коцева, координатор за вакцинација.
Освен вработените во приватниот сектор од денеска се вакцинираат и хронично болните граѓаните.
„Од денес добивме листа од Министерството за здравство од околу 300 луѓе кои се водат како хронични болни. На листата се наоѓаат лица со трансплатација на црн дроб, срце и претежно болни лица со дијализа“ – кажа Коцева.
Во саботата, денес и утре вакциналниот пункт во Штип работи во една смена. Ваквата промена во времетраење на работата на вакциналниот пункт не се должи на недоволно количество на вакцини, истакна Коцева.
Граѓаните во ред чекаа пред салата да дојде нивниот ред за вакцинација. Со почитување на мерките и протоколите за заштита од ковид 19, чекаа да бидат пуштени внатре.
За денеска термин за вакцинирање имаат закажано околу 600 граѓани, а сите оние кои ќе дојдат како хронични болни ќе седнат на столче за вакцина. Во меѓувреме додека се одвива процесот на имунизација околу 60 граѓани се вакцинирани дома во Штип, заради неможност да го посетат вакциналниот пункт. За граѓаните од регионот кои имаат потреба да бидат вакцинирани во своите домови, а истите не се од Штип, во комуникација со медицинска екипа од останатите градови се оди по нивните домови. Конкретно ако сте од Кочани и не можете да се вакцинирате во вакцинален пункт, медицинска екипа од Кочани ќе ја изврши вакцинацијата.
Лаура Стојанова М-Нет