Започна изградбата на тротоарски површини во Карбинци, треба да се готови до крајот на октомври

Нови тротоарски површини добива Општинa Карбинци. Започна реализација на проектот со кој е предвидено да бидат изградени тротоарски површини со што ќе се зголеми и безбедноста во Општината. Од влезот во село Карбинци до општинската зграда и ООУ „Страшо Пинџур“, на површина од 1500 метри квадратни ќе бидат изградени тротоарите.

„Денес се работи на реализација на проектот за доурабниизрање односно изградба на тротоарски површини со вкупна должина од 320 метри, од двете страни на оваа улица во Карбинци. Вкупната површина е 1500 метри квадратни заедно со партерната површина кај општината“ – вели Паунов.

Ова е уште еден од проектите финансирани од страна на Владата преку унграскиот кредит. Активностите на терен се очекува да се извршуваат со засилена динамика и тротоарите да бидат завршени до крајот на месец октомври.

„Ова е еден од проектите со којшто аплициравме до Владата и се користат оние средства од унгарскиот кредит. Општина Карбинци во рамки на овој проект доби околу 4 милиони 900 илјади денари. Очекувам во следните неколку денови овој проект да биде во напредна фаза и во месец октомври да биде целосно завршена“ – додава Паунов.

Претходно започнаа со реализација два од четирите проекти финансирани од унгарскиот кредит.

Започна уредувањето на одводниот канал „Герен“ со партерно уредување и изградба на мал плоштад во село Долни Балван, како и изградба на нов трет влез во село Таринци. Во наредниот период осветлување ќе добие кејот на Козјачка река.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет