Започна вакцинирањето во Здравниот дом во Штип, дневно ќе се вакцинираат по 40 лица над 77 години

Од денеска започнува така наречената масовна имунизација на населението во нашата држава со вакцините на „Астра Зенека“. Вакцинирањето освен во три пункта во Скопје се извршува и во другите градови меѓу кои и Штип. Во здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип имунизацијата започна утринава во 8 часот, без проблеми.

„Вакцинацијата започна во 8 часот без проблеми. Првите пациенти во 8 часот веќе беа овде, до 14:30 има термини денес. Ќе се вакцинираат во првата етапа пациенти над 77 години.“ – истакна директорката на Здравен дом Штип, Трајчевска.

Во Здравниот дом во Штип синоќа пристигнаа 400 дози на вакцини, а е предвидено да се вакцинираат по 40 лица дневно. Пријавувањето оди преку матичните лекари исто како и можноста за одложување и откажување на вакцинацијата. Заинтересираност на граѓани исто така има.

Лицата кои не можат да дојдат да се вакцинираат, екипа од Здравниот дом Штип, ќе оди дома кај тие лица, со претходен извештај од матичен лекар дека навистина имаат таква потреба.
Лицата над 77 години кои денеска примаа вакцина во Штип се чувствуваат добро.

Најстариот пациент кој се вакцинираше денеска има 91 година, а за вакцинација дошол во одлична кондиција. Има и такви пациенти кои се предомислуваат и се откажуваат од вакцинирање, но и тоа со претходна најава од страна на матичниот лекар.  Имунизацијата на населението продолжува и во наредните денови, со препораки да се доаѓа во точно определенот време за да не настане дополнителна гужва и да се носи заштитна маска.

Лаура Стојанова М-Нет