Запален автомобил во населба Балканска во Штип, на сопственикот претходно и му се заканувале

Уште еден во низата запалени автомобили во Штип. Ноќеска горела кола во населбата Балканска. Тони Пешевски вели го разбудила полицијата, а противпожарната единица веќе ја гаселе колата која се наоѓала во неговиот двор. Но, како што вели тој на овој случај му претходеле и неколку останати немили настани, како закани по неговиот живот, физички напади, и закани кон животот на неговиот син со посебни потреби.

„Сабајле околу 4 часот, некој тропаше на вратата, видов дека е полицијата. Ми кажаа дека колата ми е запалена. Пожарната веќе ја гасеше колата. Се сомневам во едно лице, бидејќи претходно повеќе пати добивав закани, ми го малтретираше и синот кој е со посебни потреби, физички ме нападна. Пет пати веќе одам во полција, го пријавува случајот да преземат мерки“ – вели Пешевски.

Исплашен за безбедноста пред се за неговиот син, вели крајно време е институциите да преземат мерки и активности за нивна заштита.

„Повеќе стравувам за безбедноста на моето дете, нормално и за мене. Одев по институциите, по легален, по мирен пат, никаква расправија не сум имал едноставно ми се закануваат.“ – додава Пешевски.

На лице место денеска во населба Балканска беше увидна екипа од СВР Штип. Ова е втор запален автомобил за половина месец во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет