
Сѐ повеќе странски диспечерски компании во Штип и државата дел од платата на вработените исплаќаат преку апликацијата за пари Payoneer. Реакција пристигна од страна на вработени кои велат дека огласите за работа се за плата од минимум 30 илјади денари. Од нив на трансакциска сметка по основ плата земаат минималната плата или малку повеќе над минималната, а надвор од платата земаат преку платежна апликација. Од овде се поставуваат и низа прашања. – Законски ли е вработен да има и плата и хонорар од иста група на компании, од кои фирмата ќерка е во Македонија, а другите тесно поврзани фирми се надвор од државата. Има ли УЈП пристап до апликацијата „Payoneer“ за контрола на парите щто пристигаат на македонски граѓани? Дали граѓаните сами треба да го пријават персоналниот данок на доход доколку парите им пристигаат од странски фирми преку платежната апликација „Payoneer “, а тие фактички работат во македонска компанија?
Оштетен ли е буџетот на државата при вакви појави?
Одговор побаравме од дирекцијата на Управата за јавни приходи во Скопје. Оттаму во писмено соопштение за М-Нет телевизија напишаа дека работниот однос се заснова со потпишување на договорот за вработување меѓу работникот и работодавачот кој може да се склучи на неопределено или определено време.
Од таму додаваат дека Платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено, и согласно ова работодавачот треба да исплати плата на вработените.
„Доколку физичките лица остваруваат доход од странство, обврската за пресметување и плаќање на данокот на личен доход е на самитите физички лица, со поднесување на електронска пресметка до Управата за јавни приходи, најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот“ – напишаа од УЈП.
Лаура Стојанова М-Нет