Закажани натпреварите од 25. коло на Прва лига – ќе се игра во два дена!

Натпреварите од 25. коло на Првата македонска фудбалска лига ќе се играат во два дена.

Колото ќе биде отворено во сабота 29 март, со „братското дерби“ меѓу Пелистер и Вардар, а сите останати натпревари ќе се играат во понеделник, 31. март. Битолчани се сигурни во средишниот дел од табелата, а Вардар е неизвесен за опстанокот и ќе бара три бода за опстанок.

Гостивар дома ќе игра со екипата на Воска Спорт во меч каде домаќинот нема веќе право на грешка во трката за титулата, а охриѓани сакаат позитивен резултат за опстанок, Работнички ќе го пречека тимот на Беса, која пак влезе во победнички ритам со две големи победи во низа.

Шкендија како голем фаворит ќе ја пречека Брера Струмица, тимот од Тетово е лидер на табелата и сака три бодови во трката за титулата, а пак струмичани ќе бараат прва пролетна радост. Силекс на домашен терен во Кратово ќе се соочи со Тиквеш, а пак шампионот Струга Трим Лум ќе се соочи со Шкупи.

Сите натпревари од 25. коло на ПМФЛ ќе започнат во 15 часот.

Александар Ванев, М-Нет